„ВО МОЈОТ СВЕТ“ СО НОВ ЦЕНТАР ЗА ПОДДРШКА ВО ОПШТИНА ЃОРЧЕ ПЕТРОВ

Со голема радост и гордост објавуваме дека Здружението „Во мојот свет“ – Скопје потпиша Договор за соработка со Општина Ѓорче Петров, Министерството за социјална политика, демографија и млади, и Светска банка, со цел воспоставување Центар за дневен престој за лица со попреченост и индивидуален третман.

Овој Центар е резултат на заедничка визија и посветеност – да се создаде достапна, стручна и хумана поддршка за две особено значајни целни групи:

  • Деца од 1 до 14 години, кои ќе добиваат рана интервенција и третмани насочени кон говорен, моторен и когнитивен развој;
  • Млади од 14 до 26 години, за кои ќе се организираат индивидуални и групни активности за градење социјални и животни вештини, самостојност, вклученост во заедницата и подготовка за иднина со можности.

Како здружение со над една деценија искуство во поддршка на лица со аутистичен спектар и атипичен развој, „Во мојот свет“ ќе биде носител на стручната програма и реализацијата на услугите во Центарот. Нашиот мултидисциплинарен тим – составен од дефектолози, логопеди, психолози и други професионалци – ќе овозможи индивидуализиран и интегриран пристап за секое дете и млад човек.

Овој партнерски проект е повеќе од институционална соработка – тој е пример за вистинско локално дејствување во интерес на ранливите категории граѓани. Благодарни сме што Општина Ѓорче Петров ја препозна потребата, ја отвори вратата за ваква иницијатива и вложи посветеност во создавање простор по мерка на лицата со попреченост.

„Веруваме дека секое дете и секој млад човек заслужува шанса, простор и поддршка да го достигне својот потенцијал. Новиот Центар е токму тоа – мост кон иднина со достоинство,“ – велат од тимот на „Во мојот свет“.

Во следниот период ќе завршиме со активностите за адаптација на просторот, вработување стручен кадар и воспоставување на лиценцирана услуга согласно законската рамка.

„Во мојот свет“ – затоа што секој свет е важен.

Поврзани информации: