На ден 27 ми ноември 2023 година (понеделник) од 10 до 15 часот, во просториите на општина Ѓорче Петров се одржа работилницата насловена како ,,Унапредување на психомоторниот развој кај предучилишни деца,, наменета за стручните лица од градинките, воспитувачите и негувателите, како и заинтересирани родители. Оваа работилница е дел од проектот одобрен од град Скопје меѓу Здружението за поддршка и третман на лица со аутистичен спектар и атипичен развој ,,Во мојот свет,, и градот Скопје.
На работилницата присуствуваа 30 учесници кои се запознаа со следните едукативни содржини:
- Нормалните етапи на развој на децата почнувајќи од 9 месечна возраст до 6 години (овој период беше опфатен поради возраста на која децата започнуваат или завршуваат со посетувањето на градинките).
- Подетално се обрна внимание на моторниот развој (груба и фина моторика), когнитивниот, говорниот развој и комуникација, како и социо-емоционалниот развој. Едукантите беа во детали запознаени за секоја од овие развојни стапки според следните развојни фази: 9 месеци, 12 месеци, 15 месеци, 18 месеци, 2 години, 18 месеци, 3 години, 4 години, 5 години и 6 години.
- За истите развојни фази беше разработуван и развојот на детскиот цртеж од фаза на чкртки, полноглавец до фаза на цртање на детали на човечка фигура.
- Беа преставени и потребните играчки и нагледни средства за секоја етапа од развојот, како и улогата на возрасните вклучени во одгледувањето на децата
- Потоа беа посочени ,,црвените знаменца,, односно симптомите кои се важни доколку има доцнење во психомоторниот развој за сите овие етапни фази на развојот и како брзо да се препознаат и каде да се насочат да се јават родителите кои се загрижени.
- Демонстрација на 2 алатки за проценка на развојот, кои може да ги користат вработените во градинките
- Приказ на случаи од клиничката пракса
- Значење на целосната проценка и дијагностика со примена на мозочно мапирање
- Употреба на неурофидбек како додатна тераписка техника
- На крај се одржа и едночасовна дискусија на која се пријавија голем број на дискутанти и се отворија нови теми на кои треба да се работи во иднина за подобрување на развојот на децата со атипичен развој.

Здружението Во мојот свет додели Благодарница на градот Скопје за финансирање на проектот.
