Што претставува ментално здравје?
Менталното здравје е важен дел од развојот на детското здравје. Врската помеѓу менталното здравје и физичкото здравје е нераскинлива, тоа игра голема улога во развојот на детето, неговата способност за предучилишни и училишни активности, понатаму во успехот на работното место и во целосното функционирање во општеството. И менталното и физичкото здравје влијаат на начинот на кој функционираме и делуваме во секојдневните активности, и на тоа како размислуваме и како се чувствуваме. Доброто ментално здравје кај децата има позитивно влијание врз квалитетот на нивниот живот.
Менталните нарушувања кај децата може да направат сериозни промени во начинот на кој децата растат и се развиваат, начинот на кој што учат, начинот на кој што се однесуваат, како ги доживуваат и изразуваат своите емоции. Сите овие промени предизвикуваат вознемиреност и проблеми во текот на денот. Децата кои што се соочуваат со различен тип на потешкотии и проблеми, може да развијат чувство на страв и грижи, кои понатаму водат до промени во однесувањето. Доколку несоодветните однесувања се постојани и се влошуваат , и притоа влијаат на функционирањето во градинка/училиште, во домот, и секојдневните активности, може да доведат до појава и дијагностицирање на ментало нарушување.
Ментално здравје не претставува само отсуство на ментално нарушување. Дечиња коишто немаат ментално нарушување, исто така може во одредени периоди кога се изложени на различен тип на притисок и потешкоти да развијат симптоми и однесувања на ментално нарушување. Поради тоа е особено важно постојано да се следи развојот на менталното здравје кај децата, и да може да се открие причината за секое несоодветно однесување кое се појавува кај децата, со цел примена на соодветни техники и пристапи за регулирање на однесувањата.
Кои се симптомите за промени во менталното здравје?
Симптомите најчесто почнуваат во раната детска возраст , меѓутоа некогаш може да се појават и за време не тинејџерските години. Симптомите за нарушувања на менталното здравје се менуваат како што детето расте, и тие најчесто вклучуваат промени и потешкотии во начинот на којшто детето си игра, начинот на којшто учи, зборува, се однесува, како и во начинот на којшто ги доживува и изразува своите емоции. Дијагнозата најчесто се поставува во текот на училишните години, ретко порано, меѓутоа некои деца со ментално растројство може и да не бидат дијагностицирани за време на детството.
Како изгледа дете со добро ментално здравје?
Децата кои имаа добро ментално здравје, се чувствуваат безбедни, сакани и сигурни во својата околина. Тие исто така се чувствуваат среќни, и се позитивни во поголемиот дел од времето. Тие се во пријатно расположение и кога работите не одат така како што се тие навикнати, или како што очекуваат. Тие се чувствуваат добро и се заинтересирани и за нови и предизвикувачки работи и активности. Овие дечиња сакаат да учат нови работи, манифиестираат убави и добри однесувања, и добро се согласуваат со пријателите и семејството. Овие дечиња исто така се чувствуваат тажни и лути, меѓутоа начинот на којшто се справуваат соодветствува на чувствата кои ги доживуваат, и по соодветен пристап се враќаат на своето позитивно однесување.
Совети за поддршка на менталното здравје кај деца и млади
• Кажете му на вашето дете дека го сакате, без разлика на се. Покрај кажување колку го сакате вашето дете, љубовта може да ја покажете и преку говорот на телото, и невербална комуникација-на пример, воспоставување на контакт со очи кога зборувате со детето, чести прегратки и бакнежи со вашето дете и сл.
• Слушајте го вашето дете. Одвојте време само за вас и вашето дете во текот на секој ден. Прашувајте го детето како се чувствува и како му поминал денот. На тој начин ќе му дадете дознаење дека секогаш постои некој кој е тука да го ислуша кога сака нешто да каже.
• Користете позитивен и постојан пристап кон однесувањето на вашето дете. Ова значи да му посветите внимание и да го пофалите вашето дете и кога има добри однесувања, исто како што посветувате внимание и наоѓате начин да се справите со предизвикувачките однесувања.
• Пружете му поддршка кога се соочува со потешкотии. Обрнете внимание на неговото однесување и емоции, и помогнете му да најде начин да ги надмине потешкотиите со кои се соочува. Не секогаш е лесно да се соочиме со предизвикувачкото однесување, но обидете се да му помогнете да разбере што чувствува и зошто.
• Бидете вклучени во живот на вашето дете. Покажете интерес за животот на вашето дете и за работите кои тоа ги сака. Уживајте во заедничките активности и времето поминато заедно со вашето дете. На тој начин не само што го зголемувате неговото чувство на вредност, туку си помагате и себе си , на време да ги откриете проблемите и потешкотиите со кои вашето дете се соочува.
• Охрабрете ги интересите на вашето дете. Активноста и креативноста, учењето на нови работи како и чувството на припадност на одреден тим, ни помага да се поврземе со други луѓе, и се особено важни за подобро ментално здравје. Потикнете го и помогнете му на вашето дете да се посвети на неговите интереси.
• Сфатете го сериозно вашето дете. Слушајте го и вреднувајте го тоа што детето ви го кажува, без да ги осудувате неговите чувства, на тој начин правите детето да се чувствува пријатно и ценето. Размислете на кој начин може да му помогнете да се справи подобро со своите емоции.
• Имајте редовни семејни оброци. Заедничкото јадење може да го зајакне односот со вашето дете, чувството на стабилност и поврзаност и да има позитивен ефект врз целосниот развој.
• Охрабрете го вашето дете да се поврзе со луѓето од околината. Охрабрете го детето да им мавне со рачето или да ги поздрави соседите, учествувајте во јавни настани кои се случуваат во вашата населба. Ова му дава чувство на припадност на вашето дете, и му олеснува да научи како да се однесува со различни луѓе.
• Изградете позитивни рутини. Знаеме дека не е лесно, но обидете се да воведете структура за редовните рутини, здравата исхрана и вежбањето. Добриот сон е многу важен, обидете се вашето дете да спие доволно, и да има рутина во спиењето. Овие позитивни рутини, влијаат позитивно на менталното здравје.