Некои проблеми како на пример скршена коска или осип на телото се очигледни, други пак, како што се проблеми во преминување од една на друга активност, нарушувања во учењето, лошо однесување, не се толку очигледни, но сепак се присутни кај децата ширум светот. Второ набројаните однесувања често можат да бидат последица на нарушувања во сензорната интеграција. Поимот сензорна интеграција се однесува на начинот на кој ги примаме, обработуваме/организираме и одговараме на информациите од средината која не опкружува примени преку нашите сетила. Неизмерно многу информации пристигнуваат во нашиот мозок во секој момент. Тие ни даваат податоци за состојбата во која се наоѓа нашето тело и средината која не опкружува.

За да можеме соодветно да се движиме, учиме и однесуваме, нашиот мозок треба да ги организира примените стимули/дразби. Но, никој од нас не ги организира примените информации совршено. Дел од индивидуите покажуваат прекумерна реакција на примените надворешни стимули, односно имаат тенденција да реагираат негативно на стимули кои се сметаат за безбедни или неиритантни. На пример, хиперсензитивност или прекумерна реакција на светло, ненадеен допир, високи звуци, силни мириси и сл. Ваквото однесување понекогаш претставува предизвик за родителите бидејќи се одразува на академското и моторното учење, како и на секојдневното функционирање.

Постојат различни пристапи кои терапевтите ги применуваат кај лица со нарушувања во сензорна интеграција. Пристапот се одредува врз основа на левелот на респонзивност на стимулите/дразбите. Доколку индивидуата е хипосензитивна, има потреба од дополнителен сензорен инпут – нивниот систем се реорганизира со вртење, скокање, трчање и сл. Други лица можат да се хиперсензитивни и да имаат потреба од тивка, безбедна околина како сензорни соби, слушалки, облека која ги штити од околината и сл. Еден од пристапите кој може да се примени кај лица кои се соочуваат со сензорни дефанзивности е Wilbarger протоколот.

Wilbarger протоколот се користи како дел од сензорна интеграција. Негова имплементација се препорачува кај деца и возрасни кои се соочуваат со сензорни дефанзивности најчесто проприоцептивни и тактилни дефанзивности. Целта на протоколот е да се влијае на сензорната обработка/организација на информациите односно да се помогне во секојдневното функционирање, да се зголеми смиреноста, да и се помогне на индивидуата да се опушти и да се стане посвесна за своето тело.
Протоколот вклучува четкање на телото со специјална, мека, терапевтска четка почнувајќи од рацете, грбот, завршувајќи на нозете, избегнувајќи ги лицето и абдоминалната регија бидејќи се многу сензитивни и може да се постигнат несакани ефекти. Се користи цврст, рамномерен притисок со бавно, хоризонтално движење на четката. Потоа следи пружање нежен длабок притисок на зглобовите односно рамената, лактите, зглобот, колкот, коленото и глуждот. Притисок на зглобовите може да се добие и со туркање на тежок предмет, скокање на трамболина и сл., односно се препорачува овој протокол да се применува заедно со сензомоторни активности.

Бенефитите кои можат да се видат по примена на овој протокол се намалување на сензорните дефанзивности, зголемување на распонот на внимание, полесен премин од една на друга активност, подобрување во координација и саморегулација како резултат на способноста на централниот нервен систем поефективно да ги процесира информациите од периферниот нервен систем. Исто така примената на протоколот има смирувачки ефект и придонесува до зголемување на организираноста.