Како аутистичниот спектар влијае на комуникацијата?
Децата со аутизам може да имаат потешкотии во развивање на способноста за комуникација било таа да е вербална или невербална. Овие дечиња имаат потешкотии во вербалната комуникација, односно развивање на говорот како и во разбирање на тоа што им се зборува. Тие исто така многу често имаат потешкотии во невербалната комуникација, односно користење и рабирање на гестови, мимики, контакт со очи и фацијална(лицева) експресија. Способноста на децата со аутистичен спектар да комуницираат зависи од нивниот интелектуален и социјален развој. Некои дечиња неможат да комуницираат користејќи говор и јазик, други пак може да имаат многу лимитирани говорни вештини. Додека други пак, може да имаат развиен богат вокабулар и да имаат способност да зборуваат за специфични работи со особено големи детали. Голем дел од нив имаат проблем во разбирањето на значењето на зборовите и речениците. Тие исто така може да имаат потешкотии во разбирање на говорот на телото, како и значењето на различен тон на гласот. Сите овие потешкотии заедно, ја засегаат способноста на детето со аутистичен спектар да има интеракција со други личности, особено со нивните врсници.
Подолу имаме неколку примери за користење на говорот и јазикот кои се чести кај децата со аутистичен спектар:
- Повторувачки или ригиден јазик. Често децата со аутистичен спектар користат повторувачки фрази без значење кои што не се поврзани со моменталниот разговор. На пр. Детенцето може постојано да брои од еден до пет во разговор којшто не е поврзан со бројки. Или детето може постојано да повторува зборови и фрази кои што ги слушнало претходно. Многу често овие дечина коиристат и ехолалија. На пр. На поставено прашање, детето одговара повторувајќи го прашањето. При појава на задоцнета ехолалија, детето ги повторува зборовите и фразите кои ги има преходно слушнато.Пр. Кога детето сака да јаде, место да побара и да каже “Дај ми да јадам”, тоа кажува “Дали сакаш да јадеш?” секогаш кога сака да јаде нешто. Некои дечиња зборуваат со особено висок тон или глас, или пак користат говор како робот. Други деца може да користат претходно слушнати фрази за да иницираат комуникација, или пак да користат фрази кои ги слушнале на телевизиски програми или реклами.
- Ограничени интереси и исклучителни способности. Некои дечиња може да имаат исклучителен монолог за тема што ги интересира, иако е можно да неможат да водат двонасочен разговор за истата тема. Други може да имаат ислучителни музички таленти или особено напредна способност за броеви и математички операции.Околку 10 проценти од децата со аутистичен спектар покажуваат екстремно високи способности за одредени области, како што се меморирање, пресметување на време и датуми, музика или математика. И како што напоменавме погоре, дел од нив можат да зборуваат на оваа тема со голем број на детали и со други личности во двонасочна комуникација, додека дел од нив можат да зборуваат во детали меѓутоа водејќи монолог без двонасочна комуникација.
- Нерамномерен јазичен развој. Многу деца со аутистичен спектар развиваат одредени говорни и јазични способноти, меѓутоа тие не се соодветни за нивната возраст.На пр, тие може да се изразуваат особено добро за одреден област која им е од интерес, меѓутоа да имаат особено оскуден речник за секојдневни теми и секојдневни ситуации. Многу деца имаат добри сеќавања за информации кои штотуку ги слушнале или виделе. Други пак дечиња, можат да читаат зборови пред да наполнат пет години, но да не разбираат што читаат и да неможат да одговорат на прашања кои се поставени повразни со прочитаниот текст. Многу често овие дечиња може да не реагираат на говорот на другите и да не се вратат на своето име, па како резултат на тоа, често може да се помисли дека имаат проблем со слухот.
- Слаби невербални способности за разговор. Децата со аутистичен спектар на нарушување често имаат потешкотии со употреба на гестови и мимики. Тие често избегнуваат контакт со очи, па затоа може да изгледаат грубо, незаинтересирано или невнимателно. Без употреба на соодветни гестови и невербални вештини за подобрување на говорните јазични способности, кај многу дечиња може да се развие фрустрација во нивните обиди да ги изразат нивните чувства, мисли и потреби. Нивната фрустрација може да се изрази со различни несоодветни однесувања.
- Целосно отсуство на говор или многу слабо развиен говор. Кај дечињата со аутистичен спектар може да има и целосно отсуство на говор или особено слабо развиен говор, ограничен на употреба на неколку кратки зборови, или гласови. Како замена за говор кај овие дечиња многу често се користи и алтернативна комуникација, односно комуникација со гестови, комуникација преку ПЕКС распоред, или комуникација со пoмош на асистивна технологија.
Како се третираат потешкотиите во комуникација кај децата со Аутистичен спектар на нарушување?
Најважно за соодветно третирање на потешкотиите во комуникацијата е раната дијагностика на проблемите во развојот на јазикот и говорот. Од исклучителна важност е кога родителите ќе забележат било каков проблем или потешкотија кај нивното детенце, веднаш да побараат помош од говорно-јазичен терапевт/Логопед. Логопедот е стручно лице кое е обучено за работа со деца кои имаат било какви проблеми во развојот на јазикот и говорот. Логопедот ќе направи проценка на развојот на јазикот и говорот на детенецето, и според проценката ќе направи соодветен план за работа и насоки и препораки за работа во домашни услови со родителите. Доколку детенцето има потреба од работа и на други полиња на неговиот развој, Логопедот ќе го прати на проценка кај соодветно лице(пр. специјален едукатор и рехабилитатор, психилог и сл.)