Од неизвесност и страв, борба со околината и борба за подобрување Филип Циглењак-Симоновски стигна до епитетот уметничка сензација. Ние би го нарекле чудо од дете.
Денес Филип е редовен ученик во основното училиште „Ристо Крле“ во Кадино, во четврто одделение, каде покрај наставничката поддршка добива и од образовниот асистент.
Неговата мајка Ана-Марија кажува дека нештата од секојдневниот живот кои ние или ги приметуваме или не, за Филип може да бидат вистинска инспирација преку која се остварува како автор на прекрасни и уникатни уметнички дела.
Исто така таа вели: „Тој особено сака да ги комбинира боите, најчесто користејќи сликарски шпатули или сунѓер за нивно нанесување на платното. Најчесто слика мотиви од природата. Јас како мајка најчесто сум до него кога слика, да му помогнам да го задржи фокусот на тоа што го прави, по потреба делувајќи со сугестија или насочување во сликањето. Она што е најважно од се е дека ние како родители ќе го поттикнуваме во сликањето сè додека тој се чувствува среќен и исполнет правејќи го тоа“.
Филип полека, но сигурно чекори по патот на успехот што за тоа кажува и неговата прва самостојна изложба кој се отвара на 14.12.2022 година во 11 часот во организација на здружението „Во мојот свет“, ЈУ. Детски културен центар – „Карпош“ и Идеа Лаб.
Во просториите на ЈУ. Детски културен центар – „Карпош“ ќе бидат изложени околу 40 уметнички дела на Филип.
За крај само ќе ја цитираме уметницата и едукаторка Кристина Божурска: „Делата на младиот Филип се вистинска искра радост. Најпрво одушевуваат со живиот колорит, а потоа ве втурнуваат во композициите од светли бои и впечатливи елементи инспирирани од природата и неговото опкружување. Филип е исклучителен сликар за неговата возраст. Се надевам ќе продолжи да ја развива креативноста и да создава дела преку кои ќе ни пренесува дел од неговиот разигран свет, стремежи и интереси“.