Филип Циглењак-Симоновски дете од соседството, првата љубов на мама Ана-Марија и тато Љупчо.

Ана-Марија се сеќава дека на неполни две години од раѓањето на Филип започнува оној „новиот“ живот, со нови предизвици, со ново секојдневие, со нови „правила на игра“, живот на подеми и падови. Живот во кој малото дете Филип ги заборава своите играчки и игра, зборовите се претвараат во молк, очињата лутаат во просторот и така Филип влегува во свој нов свет, свет на аутизам.

Мама Ана-Марија и тато Љупчо иако тешко, но храбро и издржливо во тие мигови се соочуваат со стравот и неизвесноста од иднината. Вложувајќи максимум од себе, без да жалат, со секој предизвик низ кој поминуваат и ден денес стануваат похрабри и горди родители на Филип кој полека но сигурно допрва ја почнува својата успешна приказна.
