На одржаната седница на 30 мај 2022 година, Одборот за доделување награда на Град Скопје распиша конкурс за доделување на Награда „13 Ноември“, која се доделува на физички и правни лица како знак на признание на Градот Скопје, за остварување во стопанството, науката, публицистиката, уметноста, културата, воспитанието и образованието, здравствената заштита, социјалната заштита,спортот и физичката култура, техничката култура, заштитата и унапредувањето на животната средина и природата, како и во другите сегменти на животот, трудот и творештвото, што претставува придонес за развојот на градот и за неговиот севкупен напредок и афирмација во Р.С.Македонија и во светот. На конкурсот учествуваше и нашето здружение, во областа на општествените и хуманитарни активности, кое повеќе од 10 години промовира поддршка и зголемување на јавната свест, преку рана интервенција и обезбедување на социјални пакети за бесплатен годишен третман на децата со аутистичен спектар и атипичен развој, чии семејства се од социјално ранливи категории. Оваа година, во просториите на Македонската опера и балет на свечена церемонија нашето здружение имаше чест и задоволство да ја прими Наградата „13 Ноември“ во областа на хуманитарната активноста, за отворање центри за рана интервенција и третман за деца со аутистичен спектар и атипичен развој и обезбедување помош и поддршка на младите и возрасните лица со пречки и на нивните семејства.