По повод светскиот месец на свесност за аутизам, во организација на Здружението Во Мојот Свет, во зоолошката градина во Скопје, се одржа инклузивен музички хепенинг под мотото: Еден свет за сите!
Гостин на настанот беше Амбасадорот на Р. Бугарија во Р. Северна Македонија, г-дин Ангел Ангелов, со својата сопруга Билјана Ангелова. Тој зборуваше за долгата и успешна соработка со Здружението Во Мојот Свет, како и за големите проекти кои ги имаат изработено заедно и на кои работат тековно. Изразувајќи ја благодарноста за таа соработка, Амбасадорот му додели на здружението Признание за несебична посветеност, заслуга и прогрес во работата со деца со аутистичен спектар и атипичен развој.
По повод месецот на свесност за аутизам, Амбасадорот имаше подготвено ново големо изненадување за родителите. Тој донесе подарок за родителите на децата со аутистичен спектар на нарушувања и наставниците во основните училишта. Тоа беа 100 ваучери за обуки за родители и наставници. Ваучерите се броеви кои означуваат веќе активирани, бесплатни обуки. Амбасадорот ги подари ваучерите на Здружението Во Мојот Свет, за да ги распредели на своите членови, родители на деца со аутистичен спектар на нарушувања и наставници во основните училишта.
Обуките се за родители и наставници, а се однесуваат на процесот на инклузија во училиштата на децата со аутистичен спектар на нарушувања. Ги покриваат основните чекори кои треба да се преземат од страна на наставниците и родителите за инклузија на детето во училишниот процес. Обуките се изработени од наставници и претставуваат совети преточени од самата пракса на наставниците во тој процес. Тие се поставени на Систем за далечинско учење, па посетителите ќе можат да се регистрираат и да ја поминуваат обуката со свое темпо, кога и колку можат, како и да се навраќаат наназад низ темите. Обуките се дел од онлајн едукативниот центар ГАММА, којшто е финансиран од Бугарската развојна помош, а креиран од Центарот за електронска поддршка Гама.
Системот за далечинско учење кој е поставен од ЦЕП ГАМА стои на располагање на сите невладини организации кои имаат потреба да изработат обуки за своите членови или целни групи.
Претставникот на Гама, Ина Гаврилова, беше присутна на настанот, и ја изрази својата благодарност и задоволство за заедничката работа со Амбасадата на Р. Бугарија во Р. Северна Македонија и изјави дека тие се едни од најхуманите и најдобронамерните луѓе со кои до сега имала можност да работи.