ДИГИТАЛНА ИНТЕРАКТИВНА ТАБЛА ЗА КОГНИТИВНИ И МОТОРНИ ВЕЖБИ

Нашето Здружение за поддршка и третман на лица со аутистичен спектар и атипичен развој „Во мојот свет“ има за цел да овозможи помош и поддршка на лицата со аутистичен спектар на нарушувања и нивните семејства во пристап до информации за рана дијагностика, терапии и третмани, успешна инклузија и остварување на нивните права во сите сфери на општественото живеење, како и подигање на јавната свест и зголемување на корпоративната одговорност.

Иако пандемијата и оваа година е во подем, ние влегуваме со нови промени, трудејќи се да одиме во ритамот со светските трендови на раната дијагностика и третман. Носејќи ја работата на центрите на едно повисоко ниво во полето на дијагностиката, со користење на стандардизиран инструмент за дијагносицирање и проценка, како и надоградување на стручните знаења и професионалност, преплетувајќи ја современата технологаија со психомоторната рехабилитација и когнитивниот тренинг.

Горди сме на фактот што Центрите под раководство на Здружение за поддршка и третман на лица со аутистичен спектар и атипичен развој „Во мојот свет“ располагаат со Дигитална интерактивна табла за моторни и когнитивни вежби која наоѓа примена во центри за стимулирање на детски развој, при третирање на деца/лица со аутистичен спектар на нарушувања, АДХД (синдром на недостаток на внимание и хиперактивност) итн.

Таблата користи врвна технологија применета на временски тестирана рехабилитациона терапија за да им овозможи на корисниците мулти сензорно искуство за време на функционалниот и когнитивниот тренинг.

Уредот обезбедува аудио и визуелна повратна информација која му помага на корисникот да учи побрзо, а софтверот препознава кога точните предмети се поставени на правилните места и ја прилагодува играта на нивното ниво на тежина.

Преку игри, визуелни и аудио пораки на македонски јазик од корисниците се бара да учествуваат во различни игри, од многу едноставни до комплексни активности, работејќи на зголемување на брзината и вклучување на визуелните моторни предизвици. Уредот се состои од 3 дигитални табли со соодветни фигури и повеќе од 30 игри со различни нивоа на тежина преку кои се подобрува манипулацијата со раце, координација очи-раце, визуелна перцепција , препознавање на форми, меморија, концентрација, способност за решавање на проблеми, просторна ориентација, време на реакција и снаодливост.

Се користи кај лица со невролошки/мускулоскелетни нарушувања: деменција, Алцхајмерова болест, мозочен удар, трауматска повреда на мозок, повреда на ‘рбетен столб, Guillain-Barre синдром, мултипла склероза, церебрална парализа, застој во развој, фрактури, повреда на лигаменти/тетиви, мускулна атрофија и сл.

Со оваа табла располагаат “Центарот за сензорна терапија – Во Мојот Свет” во Скопје, „Центар за рани интервенции и третман на деца со нарушување од аутистичен спектар Во Мојот Свет“ – Охрид, како и “Центар за третман на деца со аутизам – Во Мојот Свет ” – Тетово.

Поврзани информации: