
Велат дека делата кои ги оставаме не прават бесмртни, дека продолжуваме да живееме преку нив, дури и после смртта.
На 01.08.2021 година, почитуваниот проф. д-р Љупчо Ајдински зад себе остави бројни дела и значајни промени во едукацијата, заштитата и третманот на лицата со попреченост во Македонија. Испишувајќи ја увертирата за првиот организиран третман на лицата со попреченост во нашата држава, ги отвори портите на Институтот за дефектологија (1993 год.) при Филозофскиот факултет во Скопје.
Докторатот го завршил на Дефектолошкиот факултет во Белград, додека две специјализации реализирал во Англија, Шведска, Холандија и во САД и учествувал на стручни собири во 15 Европски земји. Објавил 26 монографии и учебници и над 120 стручно – научни трудови и много од нив ги има објавено во домашни и странски спианија. Основач е на неколку стручни списанија и бил главен и одговорен уредник на списанијата: „Дефектолошка теорија и практика“, „Порака“ и „Родители и деца“.
После пензионирањето ја продолжи својата хумана активност во инвалидските организации, граѓанското здружение „Мајка Тереза “и во Лајнсовиот клуб „Св. Пантелејмон“.
Во 2010 год. ја основа хуманитарна фондација „Професор д-р Љупчо Ајдински “, чија главна дејност е доделување награди на институции и лица со попреченост, како и стипендирање на ученици и студенти од областа на специјалната едукација и рехабилитација.

Со секојдневната работа и големото наследство кое го остави, инспирира многу терапевти, стави насмевка на многу семејства на лицата со попреченост, основа дом и изготви програма за околу 30 рехабилитациски установи и заштитни работилници. |Притоа беше долгогодишен соработник и поддржувач на Здружението Во Мојот Свет.
Зборовите никогаш не се доволни за да ја искажат загубата за нашиот професор, неговите дела остануваат гласно да говорат!
Почивај во мир почитуван професоре!