Април-месец на аутизмот 2014 година

383views

logo_kampanja_jpg

 

Здружението ВО МОЈОТ СВЕТ традиционално и оваа, трета година по ред ја покренува веќе познатата кампања под името „Еден свет за сите“ инспирирана од 2-ри Април Меѓународниот ден на аутизмот. Кампањата ќе се води во тек на целиот месец Април (прогласен за месец на аутизмот во РМ) и е во соработка со семејниот интернет медиум РИНГЕРАЈА и подршка на Волонтерскиот Центар Скопје, а како подржувачи и покровители се јавуваат голем број истакнати компании од бизнис секторот во РМ, потоа амбасадори на странски држави во РМ, државни институции, министерства, научни и културни  работници, медиуми, како и високиот претставник на ЕУ г-нот Аиво Орав и г-ѓата Маја Иванова. Целите на оваа кампања се подигнување и зајакнување на јавната свест за постоењето на проблемот со аутизам, како и едукација и поблиско информирање за овој проблем, неговата фреквенција, рана дијагноза и третмани.

Централниот настан ќе се одржи во Skopje City Mall на 2-ри Април со почеток во 17:00 часот со пригодна програма и настап на дечиња од ПОУ Иднина, ПОУ Д-р Златан Сремац, ПОУ Маца Овчарова од Велес, Златно Славејче, балетско студио Ребис, пријатно изненадување за лицата и семејствата со аутистичен спектар и обраќање на високи претставници од институции, амбасади како и родители со дечиња со аутизам. Своето присуство го најавија и старите пријатели на здружението, мото клубот НОЌНИ ВОЛЦИ, а дечињата ќе ги анимира и маскотата на Sparkasse Банка со пригодни подароци. Завршно ќе биде сложување на сложувалката-симбол на аутизмот која ќе ја сложат дечињата со помош на ракометарите на Металург, пропратено со делење и пуштање на сини балони (бојата на аутизмот).

На самиот ден, 2-ри Април здружението ВО МОЈОТ СВЕТ ќе го осветли Археолошкиот музеј во сино и така уште еднаш ќе ја вклучи нашата држава во светската кампања LIGHT IT UP BLUE кога за меѓународниот ден на аутизмот ширум светот истакнати објекти и знаменитости на градови и држави се осветлуваат во бојата на аутизмот и со тоа ја изразуваат подршката кон лицата со аутизам.

Во рамките на кампањата „Еден свет за сите“ во тек на цел Април ќе се одржат повеќе креативни работилници, округли маси, дружење и прошетка на дечињата и семејствата со аутистичен спектар, настап и дебати по медиумите, печатени флаери и плакати и медиумска покриеност на настаните како во пишаните и електронски медиуми така и на страниците на здружението ВО МОЈОТ СВЕТ и РИНГЕРАЈА. Настаните ќе се одвиваат во трите шопинг центри Skopje City Mall, Рамстор и Капитол кои ќе бидат брендирани со логоата и плакатите од кампањата и како и активности во Зоолошката градина-Скопје. Во кампањата се вклучува и спортскиот клуб „Roots BJJ Centar“ од Скопје кој овозможува бесплатни тренинзи за децата за бразилско џиу џицу и џит кун до, вежби за психомоторна реедукација, со соодветна програма адаптирана на секое дете индивидуално, во зависност од неговите можности и способности.

Значи престои месец на интензивна работа, соработки и настани преку кои уште еднаш здружението ќе испрати порака до македонската јавност за постоењето на овој проблем и неопходноста од преземање напори и активности за негово сузбивање, како и покажување на општествената одговорност на сите субјекти кон оваа категорија на наши сограѓани.

По тој повод здружението ВО МОЈОТ СВЕТ и РИНГЕРАЈА ве покануваат на заедничка дружба и соработка за одбележување на овој ден кој се одбележува ширум светот.

 

За подобро утре-„Еден свет за сите“…

 

 

Поврзани информации: