По покана и во организација на Волонтерскиот Центар Скопје здружението ВО МОЈОТ СВЕТ ќе учествува на настанот „Жива библиотека“ што ќе се одржи на 5 Декември (четврток) 2013 година во просториите на Градската библиотека „Браќа Миладиновци“-Скопје, во периодот од 15:00 до 19:00 часот. „Жива библиотека“ е јавен, отворен настан кој го сочинуваат група на луѓе кои сакаат да ја споделат својата приказна. Посетителите во Живата Библиотека може да ги „позајмат“ личностите и да ја задоволат нивната љубопитност преку поставување прашања во разговор еден на еден. „Позајми“ ги следните личности: слушни за борбата и жртвувањето за својата ќерка од „книгата“- Мајка на дете со аутизам, откриј зошто веганството е најздравиот начин на исхрана од „книгата“- Веган, дознај за статусот на жените од „книгата“- Феминистка, инспирирај се од „книгата“- Млад Бизнисмен, како и многу други „живи книги“ кои ќе бидат достапни на настанот Жива Библиотека. На овој начин, посетителите дознаваат повеќе за личноста која се наоѓа зад насловот и може да ги реконструираат своите убедувања. Ова е настан кој ја прикажува разновидноста во општестото и преку интересен начин овозможува директно соочување на своите стереотипи и предрасуди.
Ова е нашата приказната:
Книга: Мајка на дете со аутизам
Книгава е мајка на дете кое има 11 години и аутизам. Книгата е енергична, ангажирана жена, која пожртвувано се труди да го подобри животот на својата ќерка на секој можен начин. Кога институциите и наставниците дигнале раце од неа, оваа книга не се откажала и верувала дека ќе успее, прво во тоа да ја запише својата ќерка во училиште, а потоа и во тоа да ја научи да се снаоѓа и да се грижи самата за себе. Наместо во градинка и училиште, нејзината ќерка го поминувала времето на логопеди и дефектолози, се додека на осумгодишна возраст не почнала да посетува редовна настава во основно училиште, каде наставничките ја прифатиле и направиле посебна програма за неа. По првичната резервираност и несигурност, соучениците и нивните родители сфатиле дека и таа е најнормално девојче како и останатите, посебно по своите потреби, но посебно и по своите способности, со иста потреба за внимание, грижа и љубов. Денес, на 11 години, таа ги освоила срцата на сите околу неа, а книгата вели дека таа го научила целото семејство да биде поблиско, пообединето и позближено. “Не постои НЕ за мене”, вели книгата. “Доколку сакате да постигнете нешто, најдобриот начин е борбата, а не солзите”. Истовремено постои идеја да се издаде книга посветена на нејзината ќерка во знак на благодарност на сите оние кои го подржале ова девојче, на тој начин давајќи и можност да се докаже себеси и да ја покаже сопствената вредност и посебност на оние кои имаат доволно доблест да ја запознаат…
Не ја пропуштајте можноста да се сретнете со повеќе „живи книги“ и да ја дознаете нивната приказна.
Утре (четврток) од 15:00 до 19:00 часот во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“. Ве очекуваме !