Традиционално, здружението ВО МОЈОТ СВЕТ и оваа 2013 година го одбележа 2-ри Април, Меѓународниот ден на аутизмот означувајќи почеток на својата целомесечна кампања ЕДЕН СВЕТ ЗА СИТЕ со која, преку низа активности и случувања уште еднаш ќе ја придвижи македонската јавност за свеста од постоењето на аутистичниот спектар на нарушувања на овие простори и напорите да се помогне на оваа маргинализирана група на наши сограѓани.
Централното случување се одржа во трговскиот центар Skopje City Mall во Скопје, а вовед во случувањето беше почесниот круг низ улиците на градот што го извозеа големите хуманисти, членовите на мото клубот НОЌНИ ВОЛЦИ кои и покрај неповолните временски прилики и обилниот дожд храбро продефилираа со знамињата и боите на аутизмот.
Холот на Skopje City Mall на моменти беше претесен да ги собере сите членови, подржувачи и соработници на здружението, како и намерните и случани поминувачи низ објектот кои подзастанаа да се информираат и да изразат подршка и разбирање за она за што здружението се залага. Во присуство на г-ѓата Маја Иванова, сопруга на претседателот на РМ и покровител на кампањата на здружението настанот го отвори г-нот Ивајло Иванов, генерален менаџер на Skopje City Mall и домаќин на манифестацијата. Во поздравниот говор до присутните претседателот на здружението г-нот Златко Стојановски уште еднаш повика на поголема подршка и залагање на сите структури во државата околу овој реален проблем во нашето општество. Во својот поздравен говор амбасадорот на Република Бугарија во РМ г-нот Иван Петков го изрази своето задоволство од соработката со здружението и огромните напори што ВО МОЈОТ СВЕТ ги прави за подобрување на климата за лицата со аутистичен спектар на нарушувања. Здружението ја искористи приликата да подели и благодарници на претставници од компании и институции кои веќе подолго време се подршка во залагањата на здружението. Претставници од клиничката болница Аџибадем Систина, Skopje City Mall, DM маркети, Здравје Радово, Зоолошката градина-Скопје, Мегалогомед, Дигитал центар и Ноќните Волци излегоа лично да ги примата признанијата од претседателот Златко Стојановски. Мото клубот Ноќни Волци во оваа прилика, на голема радост на дечињата присутни на настанот им подари 60 играчки мотори.
Во музичкиот дел од настанот со рецитали и пригодна кореографија настапија дечиња- штитеници на институциите за лица со посебни потреби како ПОУ „Иднина“, ПОУ „Д-р Златан Сремац“, ДСУ „Св. Наум Охридски“, ПОУ „Маца Овчарова-Велес и ОУ „Коле Неделковски“-Скопје кои од присутните изнудија бура од аплаузи и задоволство.
По завршувањето на програмата дечињата со своите родители поминаа во игротеката Imaginarium каде се забавуваа на свој начин во присуство на аниматори од истата.
Здружението ВО МОЈОТ СВЕТ го изразува своето големо задоволство од успешно реализираниот настан и уште еднаш се заблагодаува на своите подржувачи, соработници и домаќини за несебичното залагање. Огромна благодарност за одвоеното време и присуството на амбасадорите на Република Бугарија, Словачка, Романија, Франција и Иран во Репулика Македонија. Посебна благодарност и до македонските медиумски ѕвезди кои со своето присуство го збогатија овој настан: Влатко Илиевски, Силви и Влатко Плевнеш, Александар Митевски и Дамјан Дренковски.
На крајот да истакнеме дека по барање на здружението во сина боја беше осветлена националната установа Музејот на македонската борба за државност и самостојност, Музејот на ВМРО и Музејот на жртвите од комунистичкиот режим со што здружението уште еднаш ја вклучи Република Македонија во големата светска кампања LIGHT IT UP BLUE во која на овој Меѓународен ден на аутизмот ширум светските метрополи се осветлуваат во сино колосални објекти и знаменитости.