Семинар за Сензорна Интеграција со CSPER

488views

 

dsc01234

 

Долгоочекуваниот семинар за сензорна интеграција конечно се случи, на ден 09.03.2013 година во просториите на клиничката болница Аџибадем Систина, а во организација на здружението ВО МОЈОТ СВЕТ со гости-предавачи од CSPER центарот од Белград, Република Србија. Впечатоците и оценките на здружението се поклопуваат со оние на присутните, а тоа е дека семинарот беше на извонредно високо ниво, со многу позитивна енергија, корисни стручни информации и богати искуства од областа на сензорната интеграција и нејзината примена во работата со децата со посебни потреби.

Семинарот го отвори претседателот на здружението г-нот Златко Стојановски, а потоа во два наврата до присустните се обрати г-ѓата Татјана Говедарица, почесен гостин на семинарот, член на CSPER тимот од Белград, експерт од областа на развојна неуропсихологија и реедукатор за психомоторика кај деца со развојни потешкотии. Г-ѓата Говедарица прво ги сподели своите искуства и согледувања во врска со примената на сензорната интеграција, а потоа активно ја водеше дискусијата со присутните одговарајќи на нивните прашања. Од предавачите прва настапи г-ѓата Kristiane Kull Sadacharam од Минхен, Германија, лиценциран SI тренер, која како раководител на SIAT програмата за усовршување го пренесе своето повеќегодишно искуство во работата. Многу импресивно и големо внимание предизвика излагањето на д-р Данијела Вукичевиќ специјалист- физијатар од Белград која со низа примери од својата работа многу суптилно допре до присутните. Во општата дискусијата д-р Вукичевиќ го покажа своето високо стручно искуство и со многу емпатија и професионалност, низ многу насмевки и солзи даде низа корисни совети каков треба да биде односот на стручните лица со родителите и децата со развојни потешкотии. На крајот настапи г-ѓата Драгана Чворак која се задржа на својата практична работа во CSPER центарот и со повеќе видеа ја демонстрираше својата работа хронолошки кај децата со кои секојдневно се среќева и работи.

По завршувањето на овој семинар присутните стручни лица се здобија со сертификат за учество на воведниот семинар за сензорна интеграција, а паузите помеѓу излагањата ги искористија за меѓусебни контакти и размена на корисни информации и запознавања. Здружението ВО МОЈОТ СВЕТ сака да се заблагодари на сите учесници за нивното присуство и покажан интерес, а посебно до институциите како Универзитетската клиника за психијатрија, Македонското научно здружение за аутизам (МНЗА), Институтот за дефектологија, ПУО д-р Златан Сремец, ПУО Иднина, Завод за ментално здравје на деца и младинци, Заводот за рехабилитација на слух, говор и глас, како и катедрата за дефектологија при Филозофскиот факултет од Скопје. Благодарност до нашите подржувачи АД Пелистерка, пекара Специјал, пекара Ваташа и млекара Здравје Радово за нивната логистичка подршка и се разбира, нашите постојани соработници и пријатели клиничката болница Аџибадем Систина од Скопје за извонредниот пречек и соработка.

 

Поврзани информации: