Во рамките на стручниот дел на семинарот најпрво настапи со свое излагање д-р Десислава Иванова, специјалист по детска психијатрија, една од четирите врвни бугарски експерти по дијагностика, терапија и превенција во областа на аутистичниот спектар која ги пренесе искуствата од Република Бугарија. Како втор предавач настапи д-р Маргарита Белчовска, логопед и стручен соработник на здружението, директор на логопедскиот центар „Мегалогомед“ од Скопје. Посебно интересно и импресивно беше излагањето на третиот предавач, г-ѓа Владислава Цолова, родител на 12 годишно момче со аутистичен спектар и претседател и основач на Фондацијата „Чекор за невидливите деца на Бугарија“, асоцијација која постигнала голем успех во квалитативна промена на државната политика на Бугарија во областите како образование, здравство и социјална политика за подобрување на квалитетот на животот на аутистичните лица и нивните семејства.
Семинарот помина во исклучително пријатна работна атмосфера, со медиумско покритие на македонската националната телевизија. Здружението ВО МОЈОТ СВЕТ за успешно реализираниот семинар искажува голема благодарност до бугарската амбасада во Република Македонија и амбасадорот Иван Петков за неговата соработка и подршка. Благодарност и до американскиот амбасадор во РМ, г-нот Пол Д. Волерс за уште еднаш искажаната подршка на работата на здружението и се разбира, благодарност до клиничката болница Систина Аџибадем за професионалната логистичка подршка на семинарот.