Аутистичен спектар низ историјата

657views

albert-einstein

Иако аутизмот се смета за „понова“ констатирана состојба сепак историските записи покажуваат дека повеќе маркантни личности од историјата веројатно имале некакви симптоми од аутистичен спектар. Многу од податоците технички не можат да се проверат како резултат на недостаток на веродостојни податоци но она што општо е познато за многу од нив укажува на аутистичен спектар.

Алберт Ајнштајн Познато е дека Ајнштајн имал потешкотии со социјалната интеракција, бил високо сензитивен на допир. Наспроти неговата висока интелигенција имал потешкотии со говорот и искажувањето повремено, како и потешкотии во учењето на училиште. Ова најверојатно се должи на немањето соодветни погодности и поразличен начин на учење во училиште-она што им е потребно на дечињата со аутистичен спектар. Заради овој факт совршено е јасно како некој со таква интелигенција и полн со идеи за светот околу него заостанува зад другите деца на училиште. Исто така има смисла и фактот дека заради штурата социјална интеракција со останатите и покрај интелигенцијата не можел да најде соодветна работа. Неговиот брак постојано се соочувал со потешкотии. Иако бил полн со грижа и љубов кон своите 3 деца тој не можел да поднесе тие да го допираат-една од најкарактеристичните особини за аутистичен спектар. Друга карактеристика е големата специфичност и различност на овој тип на луѓе, а големата различност на Ајнштајн од другите е факторот кој допринел тој да развие големи идеи кои и го направиле познат. Затоа и треба да гледаме поинаку на оние што ни изгледаат поразлични, не со осуда и предрасуди дека тоа е нешто лошо.

Моцарт Постојат значајни сведоштво дека Моцарт пројавувал репетитивни фацијални изрази и постојани ненамерни движења со рацете и нозете. Исто така се верува дека Моцарт имал интензивен, високо сензитивен слух и многу гласните и интензивни звуци му создавале психичка мачнина. Други податоци укажуваат дека тој бил и претерано активен. Моцарт, исто така не бил во состојба да води подолг сериозен и интелектуален разговор, а однесувањето често му било недолично, со чести промени во расположението. Во неговите зачувани писма присутна е ехолалија (повторување на исти зборови), што во многу случаи е начин на комуникација кај аутистичениот спектар. Овие факти, како и некои други (неспецифична интелигенција и талент) укажуваат дека и Моцарт би можел да се вброи во оние личности со високо-функционален аутистичен спектар.

Исак Њутн За Њутн постојат податоци дека со него не било возможно да се води обичен, секојдневен разговор. Постојано и неспецифично бил фокусиран на неговата работа што не можел воопшто да се отргне од неа, дури и често ги заборавал и прескокнувал оброците. Ова е една карактерна црта која многу често се сретнува кај аутистичниот спектар-интензивна фокусираност на предмет или работа што го блокира и одзема вниманието за околината. Њутн, исто така не бил добар во воспоставување и одржување пријателства ниту пак делувал пријателски настроен кон околината. Рутинските навики во неговиот живот биле толку вкоренети што постојано се потпирал на нив. На пр. ако имал закажано предавање-истото се одржувало без разлика дали имало слушатели или не.

Чарлс Дарвин Во врска со Дарвин извршени се значајни испитувања на неговиот животен пат и откриени се факти кои ја подржуваат теоријата за неговиот аутистичен спектар. Уште од најрано детство Дарвин избегнувал интеракција со луѓе колку што можел. Најчесто пишувал писма (негов омилен начин на комуникација) за да ја избегне таа комуникација во четири очи. Овој и други слични механизми се присутни кај аутистичниот спектар за избегнување на директна комуникација. Дарвин бил и колекционер на различни предмети (фиксација на одредена тема или предмети) , размислувал визуелно и имал одредени репетитивни ритуални однесувања во животот-карактеристики кои укажуваат на најверојатно присуство на одредена форма на аутизам.

Микеланџело За големиот скулптор, уметнички гениј и еден од најголемите умови од историјата, Микеланџело, исто така се верува дека живеел во рамките на одреден аутистичен спектар. Испитувањата на неговиот живот ги навеле експертите да го опишат како „човек со едносмерна и насочена работна рутина, многу необичен начин на живот, лимитирани интереси, сиромашни социјални и комуникациски вештини и воспоставени механизми на контрола во секојдневието-одлики на високо-функционален аутизам или Аспергеров синдром“. Микеланџело имал опсесивно однесување, жесток темперамент и склоност да го поминува слободното време осамен. Репетитвните рутини кои си ги поставил во секојдневието му создавале голема фрустрација доколку не ги следел доследно. Исто така Микеланџело го опишуваат како изолиран чудак преокупиран со својата сопствена реалност. Сите овие дескрипции кои укажуваат на аутистичен спектар со сигурност и го направиле она што и денес го сметаме: еден од најголемите креативци и гении во историјата на човечкото постоење.

 

 

 

 

 

 

Поврзани информации: