Temple Gardin е родена во Бостон, САД во 1948 година и на двегодишна возраст е дијагностицирана со нарушување на мозокот и она што се денес класични симптоми за аутизам-неподносливост на допир, испади на различни расположенија, без контакт со очите и без можност за говор. Во тоа време аутистичните деца биле погрешно дијагностицирани како тешки оштетувања на мозокот, трајни пречки во развојот и испраќани во институции на долгогодишни третмани и грижа. Посоветувана од стручни лица-доктори нејзината мајка да обезбеди и започне со говорна терапија на своето дете таа најмува дадилка која минува часови и часови со Temple и нејзината сестра во различни игри. На четиригодишна возраст таа конечно проговорува и себе си се смета за среќна заради подршката и заложбата на нејзините ментори од основното училиште. Сепак за себе Gardin вели дека понатамошниот дел од школувањето биле најлошите моменти во нејзиниот живот. Вели дека била едно многу нервозно и избувливо дете кое било предмет на шеги и закачки од другите деца. Дури и додека одела по улица со неа се шегувале нарекувајќи ја „расипана грамофонска плоча“ поради постојано повторување на истите и истите работи. Како што вели таа: сега ми е тоа смешно но тогаш навистина болеше.
Од нејзиното детство се сеќава дека татко и бил тој што сакал да ја смести во некоја институција додека мајка и била настојчива и ја учела постојано на однесување. Temple вели дека не треба претерано да се притискаат аутистичните деца со лекции и учење зашто тоа би довело до сетилна преоптеретеност и панични напади но не треба и премногу да се остават и разгалат бидејќи ако не се настојува ќе нема никаков напредок. Откако матурирала на училиште за талентирани деца се запишува на колеџ за да дипломира психологија, па магистратура за ветерина како и докторат. Д-р Temple Grandin е најпознатата жена-аутист во Америка и најистакнатиот експерт за однесувањето на животните, со нејзините бројни признанија, дипломи, докторати. Има издадено бројни книги околу однесувањето на животните и аутистичниот спектар на нарушувања кај луѓето, посебно Аспергеров синдром како форма на аутистично нарушување со кое е дијагностицирана. Нејзиниот работен распоред постојано е исполнет со предавања, работилници, екслузивни интервјуа, семинари. Несомнено е дека се работи за исклучително интелигентна личност. За себе вели дека размислува и го гледа светот во „слики“, со визуелизација. И навистина, испитувањата на нејзиниот мозок на универзитетите во САД покажале засилена активност за делот од мозокот кој ги анализира визуелните податоци. Тоа значи дека како и повеќето лица со аутистичен спектар на Temple и недостигааат вербална комуникација и емоционални реакции меѓутоа е надарена со способноста да се присети и реконструира се што забележала визуелно. Можеби клучен момент во нејзиниот живот е преселбата на ранч во Аризона кај нејзината тетка. Мајка и сметала дека Temple бидејќи ги сакала коњите тоа би можело да биде позитивно искуство за неа. И навистина, Temple се сеќава дека уште како дете часовите по јавање биле едни од ретките моменти каде никој не ја задевал и нарекувал со различни потсмешливи имиња. Навраќајки се денес на тој момент Temple вели дека таквото патување и било многу стресно бидејќи имала страв од нови места, луѓе, од се ново, а стравот е „емоција“ која ги препокрива и надвладува сите останати кај лицата со аутизам. Меѓутоа престојот на ранчот допринел таа да биде посмирена, поотворена со животните отколку што можела со луѓето. Многу подоцна со нејзиното образование и работа како истражувач на однесувањето на животните таа дошла до заклучок дека и животните во многу нешта се како неа: размислуваат со сетилата, преку слики, мирис и слух, се раководат според визуелните податоци за навигација и снаоѓање во надворешниот свет.
Денес на 64 годишна возраст д-р Grandin живее и работи во Колорадо како професор на Универзитетот и се смета за една од највлијателните жени според Time magazine од 2010, не само заради нејзиниот придонес во научно-истражувачката работа со животните туку и поради нејзиниот придонес во светски рамки за подобро разбирање на аутистичниот спектар на наручувања кај луѓето. Импресивна е нејзината најпозната изјава дека човештвото сеуште би живеело на некој начин во пештери доколку не биле луѓето со Аспергеров синдром.