Аутизам-логопедски пристап

1.4kviews

autismhear

Една од најизразените карактеристики на аутизмот е застој во развојот на комуникациските вештини. Затоа некои го карактеризираат аутизмот како јазично (говорно) нарушување во основа. Овде во целост пренесуваме осврт на нашиот стручен соработник дипл. логопед Маргарита Белчовска за важноста и влијанието на слухот за нормален развиток на говорните вештини.

КАКО ВЛИЈАЕ СЛУХОТ ВРЗ РАЗВОЈОТ НА ГОВОРОТ И ЈАЗИКОТ

Способноста да се изразат мисли, емоции и апстрактни идеи преку изговорени зборови претставува говор, а јазикот е систем на симболи преку кои луѓето комуцираат. Во текот на првата година од животот луѓето учат за својата средина преку искуството. Иако е незабележливо децата со нормален слух во овој период го учат говорот и јазикот. Тоа е т.н. критичен период. Во тој временски период мозокот созрева, се создаваат милиони неврални конекции, кои во услови на недостаток на звучна стимулација-се прекинуваат, со што се јавува нарушена морфологија и функција на невроните од централниот аудиторен систем. Овој штетен ефект на недостаток на дразба може да се намали или избегне со воведување на звучна стимулација (пр. со слушни апаратчиња). Со нивна навремена примена се овозможува подобра социјална комуникација, а воедно и се одбегнува прогресивно оштетување на слухот. Редукцијата на слухот посебно е изразена кај новороденчиња, каде едно од 300 страда од умерено до тешко оштетување на слухот, а тоа повлекува последици како нарушен развој на говор и јазик и нарушен социо-емоционален и когнитивен развој. Истражувањата покажале дека дете со лесно до умерено оштетување на слухот може да пропушти 50% од разговорите и на возраст од 6 години има вокабулар од 50-60 зборови, додека дете со просечен слух на истата возраст има до 3000 зборови. Без соодветни говорни способности децата со тешки оштетувања на слухот можат да бидат и погрешно дијагностицирани како аутистични, ментална редардација и сл. Доколку не се изврши специфично тестирање оштетувањето на слухот кај новородените може да остане неоткриено се до крајот на втората година од животот, а има голем број на случаи и до 5-6 година од животот. Кај нив постапката за поттикнување на развојот на говорот, јазикот и учењето ќе биде одложена, а последиците остануваат за цел живот. Но ако оштетувањето навремено се открие, во периодот на новороденче или веднаш по настанатото оштетување детето може да има голем бенефит од амплификацијата (слушни апаратчиња) и раната интервенција кои го олеснуваат целокупниот развој. Раната идентификација и хабилитациона интервенција се двата клучни елементи кои на детето ќе му дадат шанса за нормален развој на говорот, кој пак од своја страна ќе влијае и врз подобрување на социо-емоционалниот развој и когнитивните (спознајни) способности.

НЕРАЗВИЕН ГОВОР 

Постојат 4 варијанти како причина за неразвиен говор:

-неразвиен говор поради ментална ретардација;

-оштетување на мозокот;

-периферни оштетувања (оштетување на слухот, анатомски аномалии на говорниот апарат);

-нестимулативна околина.

Равојот на говорот е социјален акт каде средината задолжително мора да биде стимулативна за да се развие говорот кај детето. Доколку детето има проблем со јазично-говорната комуникација треба да се побара помош и мислење од стручно лице-логопед.

НЕПРАВИЛЕН ИЗГОВОР НА ГЛАСОВИТЕ

Отсуството на изговор на одреден глас, погрешен изговор или замена на одреден глас со друг е говорно нарушување наречено ДИСЛАЛИЈА, која често претставува пречка во детскиот развој и образование. Често детето е изложено на исмејување од страна на врсниците, что може да доведе до појава нанегативни особини и лоши навики на однесување. Неправилниот изговор на гласовите С, Ц, З, Ш, Ж се нарекува СИГМАТИЗАМ.

За навремен и правилен развиток на говорот неопходни се пред се објективни услови односно здрав и функционален Централен Нервен Систем, здрави и нормални говорни органи, нормално развиен слух и нормална околина. Во меѓучовечката говорна комуникација слухот има примарна улога. Од тука произлегува дека слухот е еден од најважните услови за нормален развиток на говорот кај детето. Оштетување на било кој дел од аудитивниот систем предизвикува оштетување на слухот при што се јавуваат повеќе степени на разлика, од лесна редукција до тешка наглувост. Различните степени на оштетување на аудиторниот систем настанати во различен период од возраста претставува причина за различните говорни растројства.

СИГМАТИЗМОТ КАКО ПОСЛЕДИЦА НА ЛЕСНАТА ГЛУВОСТ

Кај лесната глувост говорните растројства се незначителни па затоа, на прв поглед на овој проблем не му се обранува додволно внимание од родителите, наставниците и лекарите бидејќи загубата на слухот е од 10-30 дб и не претставува некој посериозен проблем во говорната комуникација. Говорните растројства кај лесно наглувите деца се однесуваат на неправилен изговор на некои гласови, слаба интонација на говорот, посебно на гласовите со висок фреквентен спектар-С, З, Ц, поретко Ш и Ж. Ова доаѓа до израз кај сигматизмот, растројство на артикулацијата што се карактеризира со дисторзија, супституција и омисија т.е. неспособност за примање, препознавање и разликување на фреквенцијата на определени гласови: С, З и Ц. Причините за појава на сигматизмот кај децата доколку постојат нормално развиени органи се: недоволно развиен фонематски слух, слабо акустично внимание и наглувост-особено оштетување на внатрешното уво кога не се примаат гласовите со висок акустичен спектар.

 ЛОГОПЕДСКИ ТРЕТМАН

Истиот се состои од 2 фази:

-корекција на изговорот на наведените гласови;

-автоматизација или зацврстување на гласовите кај детскиот спонтан говор.

Првата фаза се состои од слушање на правилно изговорени зборови, реченици и гласови од страна на логопедот заради формирање на правилен глас.

ФОНЕМА. Најпрво детето го следи изговорот на логопедот пред огледало и потоа се обидува да го изговори изолираниот глас или слог.

ЛАМБДАЦИЗАМ-неправилен изговор на гласовите Л и Љ. Неправилниот изговор на овие гласови се толерира до четвртата година. После овој период задолжително е да се побара логопедски совет и третман.

РОТАЦИЗАМ се однесува на неправилниот изговор на гласот Р. Се среќава и кај деца и кај возрасни, а облиците варираат зависно од возраста. Неправилниот изговор на овој глас се толерира до 5-та година, после тоа задолжително е да се побара логопедски совет.

ДИСЛАЛИЈА е пореметување на артикулацијата на говорот која се манифестира со неправилност или неможност за изговор на одредени гласови. Таа може да биде: органска, наследна, психолошка и надворешна. Пришината за појавата на дислалија може да биде пореметување на анатомијата на артикулацијата на говорот како што е аномалија на вилицата, заби, расцеп на усната или непцето и сл. Кај дислалија постои и оштетување на слухот. Губењето на слухот неповолно делува на усвојувањето на говорот. Умереното губење на слухот може да делува на самиот изговор, додека поизразеното го оштетува говорот и јазикот, како и артикулацијата, доаѓа до пореметување на ритамот, интонацијата, гласот и граматиката. Секундарните причинители се модифицираат според лошиот говорен причинител од околината. Детето поприма и добри и лоши страни, се служи со говор несоодветен за неговата возраст. Родителскиот перфекционизам и недоволната стимулација се причинители за застој во интелектуалниот развој.

КЛИНИЧКА СЛИКА

Може да се каже дека дислалијата е пореметување на изговорот и означува погрешна артикулација, погрешен изговор на одредени гласови. Артикулационото пореметување се забележува кај гласовниот систем како предилекциони гласови: Р, С, Ц, З, Ч, Ш, Ж и сл. Слични се по звучност па детето тешко ги разликува, нивната артикулација бара фина моторика на јазикот.

СИГМАТИСМУС е неправилен изговор на гласовите: С, З, Ц, Ш, Ч, Џ. Кај малите деца се работи за замена или испуштање на овие гласови додека кај возрасни се работи за искривен говор. Постои и латерален сигматизам кој настанува поради растење на забите при што јазикот се поставува латерално, од страна, што се решава со логопедски третман.

ТЕТИЗАМ е говорно пореметување каде голем број на согласки поминуваат во Д или Т. Овде веќе се работи за сериозно пореметување во ЦНС.

ЛЕЧЕЊЕТО зависи од причинителот. Ако пореметувањето на говорот настанало поради пречки, недостаток тогаш потребно е да се направи хируршка интервенција. Доклку причинителот не е познат потребни се говорни вежби. Важно е да се обрне посебно внимание на изговорот на детето уште од најрана возраст па се до школските денови бидејќи ако постои некое пореметување тоа подоцна ќе се одрази негативно на читањето, пишувањето и учењето. 

Поврзани информации: