Музикотерапија и аутизам

1.1kviews

music3

Видео: 1 2

Rachel Rambach, сертифициран музикотерапевт: кликни овде 

Аутизмот и аутистичниот спектар на нарушувања се карактеризираат со нарушувања и абнормалности во социјалната интеракција и комуникација, со ограничени и репетативни (повторувачки) однесувања. Музиката може да има важна улога во животот на лицата со аутизам-било како терапија или пак развивање на посебни таленти кои некои од овие лица ги пројавуваат. 

Музикотерапијата стана се популарен, растечки тренд во третманот на ASD синдромите. Целта на терапијата е да се зголеми самосвесноста кај овие лица, како и свесноста за другите од околината. Таа воедно дава и можности да се истражи експресијата (изразувањето) на емоции кај лицата со аутизам.

Постојат документирани показатели и примери дека музиката ја подобрува социјализацијата на децата, посебно нивните способности и вештини за комуникација и интеракција. Сепак не може да се тврди со сигурност дека музикотерапијата дава далекусежни бенефити кај овие лица.

Што е музикотерапија?

Музиката е античка форма на комуникација, заедничка за сите култури низ историјата. Таа не бара вербални способности и може да се приспособи за сечиј вкус и потреби. Музикотерапијата е веќе подолго време втемелена техника која со користење на музичка интеракција им помага на индивидуите со широк спектар на когнитивни и емоционални предизвици во подобрувањето на нивните способности. Во интеракција со возрасни и деца со аутистичен спектар на нарушувања музикотерапевтите можат да изградат и воспостават одредени вештини кај овие лица, помала анксиозност и вознемиреност дури и нови облици на комуникација. Важно е да се напомене дека музикотерапијата не е исто што и подучување, давање на часови по музика.

Зошто лицата со ASD би требало да се обратат кај музикотерапевт?

Музикотерапијата кај лицата со аутизам може да ги подобри способностите во одредени области како комуникација, социјализација и социјални навики, подобрување на сетилни (сензорни) вештини, однесување, подобрување на когнитивните (осознавачки) вештини, перцептивни и моторни способности, како и самоосознавањето и самодовербата. Терапевтот изнаоѓа музика што предизвикува складност кај одредена личност, остварува лична, уникатна поврзаност и гради доверба. Докажано е дека лицата со аутистичен спектар на нарушувања се многу често длабоко заинтересирани и респонсибилни, реагираат на музиката. Бидејќи музиката по својата природа е многу мотивирачки фактор, лесно прифатлива и привлечна таа може да биде искористена како природен, нормален засилувач на посакуваните реакции и одговори. Музиката како терапија може во голем дел да помогне и во случаи кај лица кои имаат звучна блокада, проблем со обработка или аверзија спрема одредени звуци за нивно успешно надминување.

Што може музикотерапевтот да направи за лицата со ASD?

Откако ќе ги процени и евалуира индивидуалните можности и потреби музикотерапевтот прави и равива план со одредени крајни цели и потоа поставува соодветен третман. Најчесто планот опфаќа индивидуален третман и работа во помали групи со користење на разнолика музика и техники. Според National Autistic Society музикотерапевтот може:

-да користи спонтана музичка импровизација при што користи „пријатни“(милозвучни) инструменти или сопствениот глас да го охрабри лицето со ASD да создаде сопствен одговор, музички јазик на комуникација. Целта е создавање на еден контекс, дијапазон на звуци во кој лицето се чувствува удобно и опуштено, доволно самоуверено да се самоизрази, да искуси поширок спектар на емоции и да почувствува и открие како е да се биде во двонасочен однос и комуникација.

-да користи едноставни песнички, делови од песни или музички стилови кои ќе одговараат на расположението и развојните потреби на лицето во дадениот момент. Како и да е, музикотерапевтот не треба да се потчини на конвенционалните шеми и навики дури и да употребува зборови, музикотерапевтот може да одговара на крикови, врисоци, движења на телото, да креира ритам и создава приемчивост.

Добар музикотерапевт подразбира креирање и развој на стратегии применливи во домашни услови и во училиште и установи.

Согледувања:

Постојат документирани показатели и примери дека музиката ја подобрува социјализацијата на децата, нивните способности и вештини за комуникација, посебно препознавањето на емоции. Сепак не може да се тврди со сигурност дека музиката има доволно добри и далекусежни придобивки кај лицата со аутистичен спектар на нарушувања. Музикотерапијата иако ефективна сепак е сеуште предмет на научни истражувања за поблиску да се утврдат механизмите и принципите на кои основи таа делува. Пред стручните лица од оваа област се поставуваат прашања за тоа како е возможно лицата со ASD да ги детектираат и реагираат на емоционалните информации содржани во ритамот, висината и тактот на музиката, а сепак не можат да ги препознаат и процесираат емоционалните информации содржани во говорот и на лицата од секојдневното опкружување. Дали постојат засебни механизми (модули) или центри во мозокот одговорни за тонална перцепција и обработка на емоциите. Потоа како ефектите добиени од музикотерапијата подобро да се применат и комбинираат со основните третмани за секојдневните потреби и вештини на лицата со ASD. 

Бидејќи музикотерапијата оди во прогресивна, нагорна линија како третман, се укажува на потребата за внесување на нови механизми и терапии во истата како на пр. комбинација од когнитивни (спознајни) терапии со терапии кои поттикнуваат имагинација и вклучуваат музика. Исто така групно пеење и музицирање како терапија, на кое таргет би му било подобрување и регистрирање на емоциите изразени на лицата на другите учесници во терапијата. 

 

Поврзани информации: