По повод спроведувањето на кампањата ЕДЕН СВЕТ ЗА СИТЕ во април, месецот на аутизмот здружението ВО МОЈОТ СВЕТ на 23.04.2012 приреди хуманитарен коктел во фоајето на Македонската Опера и Балет на кој беа поканети и присуствуваа претставници од дипломатскиот кор во Македонија, почесни конзули, истакнати претставници од бизнис секторот на Република Македонија, претставници на институции и министерства, научни работници и стручни лица. Поздравно обраќање до присутните имаше претседателот на здружението, г-динот Златко Стојановски како и г-ѓата Маја Иванова, покровител на кампањата и подржувач на здружението, а веднаш потоа во пријатна атмосфера беа доделени овогодинешните награди-статуетки со логото на здружението за особен придонес во борбата против аутизмот. Добитници на наградите беа г-ѓата Маја Иванова за покровителство и особен придонес во работата на здружението, потоа г-динот Пол Д. Волерс, амбасадор на САД во РМ за неговите заложби како најистакнат странски претставник и професорот Љупчо Ајдински, пионер и доајен во областа на аутистичниот спектар на нарушувања во РМ. Плакета-благодарница беше доделена и на г-ѓата Елизабет Шефер, окупационен терапевт за нејзината соработка со здружението и особен придонес во третманот на лицата со аутизам.
Во вториот дел од коктелот се одржа тивка аукција на уметнички слики, донација на здружението од познати македонски сликари со светско реноме. Музичкиот дел го облагородија квартетот Omnia, потоа извонредните Air Strings и Тони Китановски Трио.