Секоја година здруженијата и асоцијациите ширум светот, инволвирани во проблематиката со аутизам на карактеристичен начин го одбележуваат 2-ри Април, меѓународниот ден на аутизмот. Целта е иста: подигнување на свесноста и собирање средства во фондовите наменети за третман и борба против аутизмот. Практика станува кампањата LIGHT IT UP BLUE, значи осветлување во сино (бојата на аутизмот) на колосални објекти, знаменитости и препознатливи обележја на градови, држави и цели региони. Од минатогодишното одбележување на 2-ри Април во светски рамки може да погледнете ОВДЕ како беа осветлени повеќе маркантни обележја на градовите и државите во светот.
Активностите поврзани со одбележувањето на овој ден на многу начини придонесуваат и помагаат да се зголеми и развие знаењето за аутизмот, кој за жал добива размери на епидемија во светот. Исто така се истакнува и потребата и значењето на раната дијагноза и интервенција, како основен предуслов за сузбивање и ублажување на последиците од аутизмот.
Оваа година ќе се одржи 5-тото одбележување на 2-ри Април, откако во 2007 Организацијата на Обединетите Нации со резолуцијата 32/139 го прогласи овој ден за меѓународен ден на аутизмот. По тој повод и кај нас ќе се одржи пригодно одбележување на овој ден, при што централниот настан ќе биде на плоштадот Македонија во Скопје со почеток од 17 часот.